По стапување на сила на Решението на гувернерот на Народна банка на РС Македонија бр. 15 -20139/1 од 12 август 2020 година со кое се укина дозволата за основање и работа на „Еуростандард банка” АД Скопје, согласно законот, Фондот за осигурување на депозити е специјализираната финансиска институција која што ги обештетува осигурените депозити во банките и штедилниците.
Во законот е предвидено дека обесштетувањето на штедачите по основ на вкупни депозити кои ги имаат во банката ќе започне во рок од 20 дена и ќе се изврши во согласност со законските прописи. Како и сите банки во Македонија, така и „Еуростандард банка” согласно обврската во законот била должна да ги осигура депозитите на своите штедачи. Осигурувањето се однесува на депозити во висина до 30.000 евра во денарска противвредност. Под вкупни депозити на еден депонент се подразбира: денарски и девизни депозити и трансакциски сметки на физички лица во банката, депозити врзани за паричните картички издадени од банката, девизни приливи на физички лица и сертификати за депозити издадени од банката. Предмет на обесштетување се главнината на депозитот, договорената пресметана и припишана камата и непристигнатата камата до 12 август 2020 година, доколку се работи за депозити во евра се смета средниот курс на истата дата.
Се обесштетуваат вкупните депозити на секој штедач (физичко лице) до загарантираната сума додека депозитите правните лица не се осигурени. Со своите побарувањата правните лица по основ на депозити како и физичките лица за депозитот над 30.000 евра се јавуваат како доверители во стечајната постапка која се отвара по одземањето на дозволата, истите се сметаат за пријавени со денот на отворање на стечајната постапка.
Законот предвидува исклучоци кога Фондот не ги обесштетува депозитите на физички лица, и тоа :
1. Депозити на депоненти на кои им биле дадени привилегирани каматни услови, различни од оние објавени во банката, филијалата на странската банка или штедилницата;
2. Депозити на депоненти сопственици на над 5% од акциите со право на управување со банката, филијалата на странската банка или штедилницата;
3. Депозити на членови на органите на управување на банката, филијалата на странската банка или штедилницата;
4. Депозити на роднини од прв степен на лицата од точките 2 и 3, сопруг(а) и деца;
5. Депозити кои се врзани со трансакции со кои се вршело перење пари доколку прекршителот е осудуван и казната е во сила.
Доколку депонентот има обврски кон банката, вкупниот износ на обештетувањето се намалува за износот на неговите вкупни обврски кон банката.