Во случај должникот да не го подмирува својот долг, доверителот има законска можност да предложи издавање на решение за нотарски платен налог, согласно со член 68 од Законот за нотаријатот.
Предлогот врз основа на веродостојна исправа се поднесува до надлежен нотарот, односно нотарот на чие подрачје е живеалиштето, односно престојувалиштето на должникот-физичко лице, односно седиштето на должникот-правно лице(фирма).
Предлог за издавање на решение за нотарски платен налог врз основа на веродостојна исправа задолжително ги составува адвокат и содржат адвокатски печат и потпис, освен доколку доверител е Република Македонија.
Предлогот за издавање на решение за нотарски платен налог врз основа на веродостојна исправа содржи барање за издавање на платен налог со кој се задолжува должникот, под страв на присилно извршување, да го плати паричното побарување кое произлегува од исправата во определен рок, како и податоци за доверителот, должникот, видот и обемот на побарувањето, времето на исполнување на обврската и нејзината доспеаност.
Предлогот за издавање на решение за нотарски платен налог, изготвен во доволен број примероци и прилози, се поднесува за доспеано парично побарување со кое што се докажува со веродостојна исправа, приложена кон предлогот во оригинал или во заверен препис кај нотар.
Веродостојни исправи во смисла на Законот за нотаријатот , се сметаат:
1) фактура;
2) меница и чек со протест и со повратна сметка;
3) извод од заверени деловни книги на банка, штедилница, финансиско друштво, давател на финансиски лизинг или осигурително друштво;
4) јавна исправа и
5) исправи кои според посебни прописи имаат значење на јавни исправи.
Доколку нотарот оцени дека предлогот за издавање на решение за нотарски платен налог врз основа на веродостојна исправа е допуштен и основан, ќе донесе решение со кое што го усвојува предложениот платен налог.
Решението за издавање на нотарски платен налог се доставува до доверителот. На должникот со решението му се доставува и примерок од предлогот за издавање на нотарски платен налог заедно со прилозите.
Должникот има законска можност да изјави приговор против решението со кое е издаден нотарскиот платен налог, како и за одлуката за трошоците. Приговорот се поднесува до надлежниот основен суд на чие подрачје се наоѓа седиштето на нотарот кој постапувал по предлогот, преку нотарот кој го донел решението со кое е издаден нотарскиот платен налог, во рок од осум дена сметано од денот на приемот на решението.
Нотарот кај кој е поднесен приговор против нотарскиот платен налог, односно против решението во делот на трошоците, во рок од три дена од денот на поднесениот приговор ќе ги достави списите до надлежниот основен суд на чие подрачје е седиштето на нотарот кој постапувал по предлогот. Против решението на судот е дозволена жалба во рок од осум дена од денот на приемот на решението до надлежниот апелационен суд.
Нотарот по службена должност ќе стави потврда за правосилност на решението со кое е издаден нотарски платен налог, ако во законскиот рок не прими приговор, односно приговорот го отфрлил како ненавремен или недозволен.
Нотарот ќе стави потврда за извршност на решението со кое е издаден нотарски платен налог, доколку истекол рокот за доброволно исполнување на обврската определен со решението.
По писмено барање на доверителот или адвокатот како полномошник на доверителот, нотарот ќе стави потврда на правосилност и извршност на неговиот примерок од решението со кое е издаден нотарски платен налог, кое му е доставено.
Правосилното и извршно решение со кое се издава нотарски платен налог е извршна исправа и може да се достави до надлежен извршител за извршување.
За вршењето на работите од постапката за издавање на решение за нотарски платен налог, нотарот има право на награда и надоместок на трошоците во согласност со Нотарската тарифа, а адвокатите согласно со Адвокатската тарифа на Република Македонија.
Наградата и надоместокот на трошоците кои доверителот му ги платил на нотарот и адвокатот се трошоци на постапката кои треба должникот да му ги плати на доверителот.
Нотарот и адвокатот се должни на доверителот да му дадат пресметка за наплатената награда и трошоци. За нотарските трошоци и адвокатските трошоци настанати по донесување на нотарскиот платен налог кои не се опфатени во него, нотарот и адвокатот му издаваат на доверителот пресметковен лист кој претставува составен дел на нотарскиот платен налог.