Еден од начините за стекнување на сопственост врз недвижност  е преку склучување на договор за дар или подарок. Со договорот за дар дарувачот се обврзува да му пренесе или му предаде на даропримачот во сопственост определена недвижност. Страни при склучување на договорот за дар се дародавачот и даропримачот, предмет на договорот е недвижност. 

Договорот за дар на недвижност е формален договор и се склучува во  писмена форма, односно  за негово склучување соодветно се применува одредбата за формата на договорот за продажба на недвижности.  

Тоа  значи дека истиот треба да биде во писмена форма, составен и оверен од страна на адвокат, а  потписите на договорните страни се заверуваат кај надлежен нотар.

Пред да се заверат потписите од страна на нотарот потребно е со договорот да се поднесе даночна пријава до општината или Градот Скопје, со цел да се изготви решение за данок на подарок.

ДАНОЧНИ СТАПКИ и ОСЛОБОДУВАЊЕ ОД ДАНОК  НА ПОДАРОК

Основа на данокот на  подарок претставува пазарната вредност  на примениот имот во моментот на настанувањето на даночната обврска. Утврдувањето на пазарната вредност на недвижноста ја вршат проценители на општината или  Градот Скопје.

Стапките на данокот на  подарок се пропорционални и различни во зависност од наследниот ред. 

Данок на  подарок не се плаќа во случај кога   примателот на подарок е од прв наследен ред. 

Данокот на наследство и подарок за обврзник од втор наследен ред се пресметува по стапка од 2% до 3%, а за обврзник од трет наследен ред или обврзник кој не е во сродство со оставителот данокот се пресметува по стапка од 4% до 5%.  Висината на овие стапки со одлука ја утврдува советот на општината, односно Градот Скопје.

ДОГОВОР ЗА ДАР НА НЕДВИЖНОСТ