Очекувањето да се прогласи стечај над Еуростандрад Банка АД Скопје по одземање на лиценцата од страна на Народната банка ги загрижува граѓаните и правните лица за нивите штедни влогови и побарувања и секако треба да се информираат за заштита на своите права од причина што роковите согласно законот се прилично кратки.
Стечајната постапка на банка се спроведува согласно со Законот за банките и Законите за негова дополна и измена.
Решението за исполнување на условите за отворање на стечајната постапка во банката го донесува гувернерот, во согласност со законот и предвидените надлежности. Гувернерот го донесува решението за стечај во случајот на Еуростандар Банка по службена должност. Причината за стечајот лежи во еден од наброените услови кои ќе бидат образложени во предлогот за стечај од страна на Гувернерот на Народна Банка.
Законските услови за воведување на стечајна постапка во банка постојат кога:
1) банката е несолвентна;
2) врз основа на извештајот на администраторот, или во текот на спроведувањето на
планот за рехабилитација се утврди дека банката е несолвентна или
3) во постапката на ликвидација на банката се утврди дека нејзиниот имот не е
доволен за исплата на сите побарувања на нејзините доверители.
Банката се смета за несолвентна кога:
1) стапката на адекватноста на капиталот е пониска од една четвртина од пропишаната од овој закон или
2) е неспособна да ги плаќа пристигнатите обврски непрекинато подолго од десет дена.
Следниот чекор , во согласност со законот, на Гувернерот ќе биде предлог за отворање на стечајна постапка на банка до надлежниот суд. Предлог за отворање на стечајна постапка на банка до надлежниот суд се поднесува првиот работен ден од денот на донесувањето на решението за исполнување на условите за отворање на стечајна постапка во банка. Кон предлогот за отворање на стечајна постапка на банка до надлежниот суд задолжително се приложува и решението на Гувернерот за исполнување на условите за отворање на стечајна постапка во банка.
Судот ќе донесе решение по предлогот за отворање стечајна постапка на банка најдоцна во рок од три работни дена од приемот на предлогот без спроведување на претходна постапка.
На стечајна постапка во банка соодветно се применуваат одредбите од Законот за
стечај, доколку поинаку не е определено со Законот за банките.
Следи именување на најмалку еден овластен работник во банката заради зачувување на имотот на банката со денот на донесувањето на решението за исполнување на условите за отворање стечајна постапка од страна на Гувернерот, па се до правосилноста на решението на судот со кое се отвора стечајна постапка кај банката. Права и должности на овластениот работник се утврдуваат со решението за негово именување.
Решението за исполнување на условите за отворање стечајна постапка на банката
се доставува до банката која ги исполнува условите за отворање на стечајна постапка, Фондот за осигурување на депозити и Министерството за финансии, во рок од три дена од денот на донесувањето. Во согласност со законот ќе се определи банка која ќе ја преземе исплатата на осигурените депозити. Народната банка е должна да го објави решението за исполнување на условите за отворање на стечајна постапка во банка во средствата за јавно информирање и да го огласи на видно место во банката.
Стечајниот Суд ќе определи стечаен управник на банка, тоа ќе биде лице кое што ги исполнува условите предвидени во Законот за стечај и кое согласно со одредбите од овој закон и ги исполнува условите за член на управен одбор на банка. Во текот на постапката може да се разреши стечајниот управник по пробавено мислење од Народната банка.
Стечајниот управник е должен во рок од десет дена по објавувањето на огласот за
отворање на стечајна постапка во “Службен весник на Република Македонија”, записнички да ја утврди состојбата на сите побарувања и обврски на банката во стечај на денот на отворањето на стечајната постапка на банка и записниците да и ги достави на Народната банка.
Записниците, Народната банка ги проверува и е должна да му ги достави на судот кој ја води стечајната постапка и на Фондот за осигурување на депозити, најдоцна во рок од десет дена по приемот.
Доверителите имаат рок за пријавување на нивните побарувањата , одреден со решението на судот за отворање на стечајна постапка на банка, не може да биде подолг од 20 дена. Овој рок од не се однесува на побарувањата на правни и физички лица по основ на депозити во банката и се сметаат за пријавени со денот на отворање на стечајната постапка на банката.
Доколку Народната банка е доверител во стечајна постапка на банка, еден од членовите на одборот на доверители задолжително го предлага Народната банка.
Со денот на отворањето на стечајната постапка престануваат побарувањата на физичките лица од банката во стечај по основ на депозит до висината на осигурениот износ на депозитот во согласност со Законот за Фондот за осигурување на депозити. Пред исплатата на доверителите од стечајната маса се издвојува дел на средства за трошоци на постапката, вклучувајќи ги и трошоците на банката која ги презема работите со влоговите во банка од банката во стечај. Побарувањата на Фондот за осигурување на депозити по основ на исплати на осигурени депозити се исплаќаат пред побарувањата на останатите доверители.
Секоја продажба на имотот на банката во стечај претходно треба да биде одобрена од страна на одборот на доверители.
Во стечајна постапка над банка не се применуваат одредбите на Законот за стечај со кои се уредува постапката за реорганизација и личното управување. На правните дејствија кои се преземени во текот на траењето на администрацијата не се применуваат одредбите од Законот за стечај кои се однесуваат на побивање на правни дејствија, освен доколку со правосилна судска одлука се утврди дека со истите е сторено кривично дело.
Правата стекнати од договор за кредит во крајна инстанца одобрен согласно со одредбите од Законот за Народната банка на Република Македонија, имаат правно дејство и по отворањето на стечајната постапка, не влегуваат во стечајна маса и Народната банка има право на издвоено намирување.
Примерок од сите извештаи на стечајниот управник за економско-финансиската состојба на банката во стечај и за текот на стечајната постапка, задолжително се доставува до Народната банка.
Доколку по завршувањето на стечајната постапка и намирување на сите побарувања на доверителите останат средства во стечајната маса, средствата се делат меѓу акционерите на банката.