Суд за човекови праваПравен совет во врска со строгите критериуми за допуштеноста и прифаќањето на Вашата жалба од страна на Европскиот суд за човекови права.

Поднесување на жалби и водење на постапка пред Европскиот суд за човекови права доколку Ви се повредени права загарантирани со Европската конвенција за човекови права, ратификувана од страна на Република Македонија со Закон објавен во „Службен весник на РМ“ – Меѓународни договори бр. 11/97.

Изготвување на Вашите жалбени наводи и водење на преписка со Судот на англиски јазик , кој што е службен јазик на Судот покрај францускиот.

 

Судот единствено може да го разгледа Вашиот предмет доколку:

  • жалбените наводи се однесуваат на повреда на едно или повеќе од правата утврдени со Конвенцијата и Протоколите;
  • жалбените наводи се насочени против држава што ги ратификувала Конвенцијата или Протоколот во однос на кој се жалите (сите држави не ги имаат ратификувано сите Протоколи.)
  • жалбените наводи се однесуваат на предмети коишто вклучуваат надлежност на органите на државна власт (законодавно тело, управен орган, суд, итн.); Судот не може да постапува по жалбени наводи насочени против поединци или приватни организации;
  • жалбените наводи се однесуваат на прашања или настани што се случиле по датумот на кој државата ги ратификувала Конвенцијата или Протоколот на кој се однесуваат тие жалбени наводи
  • Вие лично и непосредно сте засегнати со повредата на некое од основните права (Вие имате “статус на жртва“);
  • сте му дале можност на домашниот правен систем да ја исправи повредата на Вашите права (“правило за исцрпување на домашните правни средства”). Тоа обично значи дека пред да поднесете жалба до Судот мора да сте ги покренале истите жалбени наводи пред домашните судови, вклучувајќи го највисокиот надлежен суд. Ова правило исто така подразбира дека сте ги почитувале правилата на постапката на домашно ниво, како и пропишаните рокови. Сепак, не мора да чекате и да ги користите неефикасни домашни правни средства или да барате посебни дискрециони или вонредни мерки вон вообичаената жалбена постапка;
  • Вашата целосна жалба до Судот сте ја поднеле во прдвидениот рок од шест месеци од конечната одлука во домашната постапка. Овој рок од шест месеци обично почнува да тече од денот кога највисокиот надлежен суд или орган ја донел одлуката, или од денот кога Вам или на Вашиот адвокат Ви била доставена таа одлука. Доколку не постои ефикасно правно средство во однос на одреден жалбен навод, рокот од шест месеци почнува да тече од денот кога се случиле дејството, настанот или одлуката на кои се жалите. Рокот од шест месеци престанува да тече кога ќе испратите до Судот целосна жалба согласно правилата утврдени со правилото 47 од Деловникот на Судот. Тој период завршува на последниот ден од шесте месеци дури и тогаш кога тој ден е недела или државен празник. Накратко, образецот за поднесување жалба заедно со сите потребни податоци и документи мора да бидат испратени до Судот на последниот ден од тој шестмесечен период или порано.
  • Вашите жалбени наводи се засноваат на цврсти докази; мора да ги поткрепите Вашите наводи така што јасно ќе го изнесете Вашиот случај и ќе го поткрепите со документи, одлуки, медицински извештаи, изјави на сведоци и други документи;
  • може да докажете дека она на што се жалите неоправдано засегнало во некое од Вашите основни права. Не може само да се жалите на тоа дека судската одлука е нефер или погрешна. Судот не е инстанционо надреден суд во однос на домашните судови и не може да ги поништува или менува нивните одлуки;
  • Вашите жалбени наводи не биле веќе разгледани од Судот или од некое друго меѓународно тело

 

Треба да знаете  дека повеќе од 90% од жалбите што ги разгледува Судот се прогласени за недопуштени и сето тоа од причина што во текот на  годината добива десетици илјади жалби и поради  тоа што   не располага со ресурси да разгледува тривијални и повторувачки жалби кои немаат суштина и кои не претставуваат предмети што треба да ги разгледува меѓународен орган надлежен за надзор. Таквите жалби може да бидат отфрлени зашто претставуваат злоупотреба на правото на жалба, а тоа може да се случи и доколку жалителите користат навредлив и несоодветен речник. Судот може да отфрли предмет и тогаш кога смета дека жалителот не претрпел значителна штета, кога предметот не покренува ново прашање од областа на човековите права што би требало да се разгледува на меѓународно ниво, и кога предметот веќе бил разгледан од домашен суд.